fbpx

24-годишниот Дејан разочаран од Боки 13: „Ми вети нова куќа, а не стави ниту една цигла “

24-годишниот Дејан Костовски е разочаран од неисполнетото ветување на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој уште пред две години јавно се понуди дека ќе му ја направи трошната куќа, во која изби пожар, а тој остана на улица, заедно со неговиот неподвижен татко.

По објавите на социјалните мрежи и во медиумите, оваа момче ја извојува битката со институциите и го смести својот татко на геријатриското одделение. На помош се приклучил Боки 13, кој ветил дека Дејан ќе добие нов дом, а за тоа време ќе му плаќа кирија.

„Да, точно е, ја плаќаше киријата речиси цела година, не можам да речам не. Но, куќата е иста како пред две години, и уште полошо. Само покривот го направи, мајстори работеа неколку дена и толку. Донесоа и нешто градежен материјал и ете внатре си стои така.

Ги контактирав неговите луѓе, велеа ќе биде, стрпи се. Потоа почнаа или да не се јавуваат или да даваат изговори дека Бојан е на состанок. Еве сега на крај ми кажаа ‘киријата ти е платена уште овој месец, ние направивме многу за тебе, ако сакаш продади го градежниот материјал’“, раскажува Дејан.

Дејан сега повторно останува на улица. Во трошното куќарче нема услови за живот. Од дупките на покривот се гледа како провејува снег. Тој рече дека не знае како ќе ја помине зимата, затоа што за една недела треба да го напушти станот. На помош од Боки 13 не се надева повеќе, затоа повторно ги повика хуманите луѓе да му излезат во пресрет.

„Ако може некој нека помогне, барем едно сопче да направиме, не повеќе. Немам идеја како ќе ја поминам зимата.Нема ништо внатре, празно е и ладно“, вели тој.Според кажувањата на Дејан, Јовановски му ветил и дека ќе му помогне да направи договор со ЕВН за заостанатите сметки за куќата, но и тоа не го исполнил.

„Рече ‘не грижи се, имам луѓе во ЕВН, ќе средиме’. Но, ете до денес нема ништо од тоа. Барем да беше искрен и да кажеше со време, можеби ќе се најдеше друго решение“, додава Костовски.По објавената приказна на Дејан и притисокот од јавноста, пред две години Дејан се вработи во една обложувалница и сега прима плата од 12 000 денари, но 4 000 денари му задржува банката поради застарени извршителски сметки од неговите родители. Мајка му е почината, а татко му е инвалид, сместен на геријатрија во Ѓорче Петров.

„Макфакс’ го контактираше и Бојан Јовановски, но тој не беше достапен на неговиот мобилен телефон.